Во дерби натпревар Макпетрол со голман-играч до победа над Фабрика Карпош – ГИМ

Фабрика Карпош – ГИМ 2-3(1-1) Макпетрол
Фабрика Карпош – ГИМ: Филип Илиевски 1” 34”,
Макпетрол: Никола Секулоски 8”, Мишо Ѓоргиовски 28”, Филип Митков 37”

Фабрика Карпош – ГИМ и Макпетрол одиграа дерби натпревар. Уште на самиот старт двете екипи максимално мотивирано влегоа во овој натпревар знаејќи ја важноста на истиот. Екипата на Фабрика Карпош – ГИМ уште на самиот старт во првата минута преку Илиевски успеа да поведе со 1-0, но екипата на Макпетрол по изведување на слободниот удар од страна на Секулоски во 8” успеа да го израмни резултатот. Во понатамошниот дел од натпреварот и двете екипи играа доста цврсто во одбраната со што успешно ги затвораа приодите кон противничкиот гол. Во ваквата игра ни една од екипите не успеа да постигне гол како би отишла со резултатска предност на полувремето.
Во второто полувреме бевме сведоци на вистинска драма. Екипата на Фабрика Карпош – ГИМ два пати по груби фаули од страна на Макпетрол остана со играч плус. Во ваквата игра Фабрика Карпош – ГИМ не успеа да ја искористи предноста во нападот со што му остави простор на Макпетрол да се врати во егал натпревар. Ѓоргиовски во 28” му донесе предност на Макпетрол од 1-2. Во втората половина од второто полувреме Илиевски израмни на 2-2 и кога се чинеше дека овој натпревар ќе заврши реми, екипата на Макпетрол внесе во своите редови голман-играч, тактика која вроди со плод и се покажа како полн погодок. Ова го искористи Митков во 37” кога му донесе предност од 2-3, резултат со кој заврши овој натпревар.