Бизнис Лигата во седумнаесеттата сезона повторно со рекорден број на учесници

Бизнис Лигата на Македонија ја започнува својата 17. последователна сезона со рекорден број од 27 компании учеснички, потврдувајќи го континуитетот и интересот за едно од најелитните аматерски натпреварувања во мал фудбал.

По повод стартот на новата сезона која започнува на 05.10.2026, на 1 октомври 2026 година во Т-Арена „Борис Трајковски“ се одржа прес-конференција на која беа претставени компаниите учеснички, системот на натпреварување, како и распоредот на натпреварите од есенскиот дел.

Во сезоната 2026/2027, 27-те компании се поделени во две групи:

ГРУПА А

Лукоил, Алкалоид, ЕЛЕМ, Стопанска Банка, ЕВН, Окта, Халк Банка, Аџибадем Систина, Атлантик Груп, Тиквеш, НЛБ Банка, ЈСП, Македонија Осигурување и Т-Арена – Борис Трајковски.

ГРУПА Б

Матрикс, Сигал Иншуренс Груп, Нетцетера, Ван Хоол, ТАВ, Макстил, LC Waikiki, Алма М, А1, AXM 365, Пожарна, Гранит и Нелт.

Натпреварувачкиот систем предвидува натпреварите да се одвиваат во две групи – А и Б, по што најдобрите екипи ќе обезбедат пласман на завршниот турнир, каде ќе се одлучува победникот на сезоната.

И оваа сезона Горска ќе биде дел од Бизнис Лигата, со задача да се грижи за освежување на натпреварувачите и да придонесе за уште подобра атмосфера за време на натпреварите.

На прес-конференцијата свои обраќања имаа проект-менаџерите на Бизнис Лигата Младен Ѓуроски и Филип Николовски, како и комесарот на лигата Марјан Казаковски. Тие им посакаа на сите компании успешна сезона, пред сè исполнета со фер-плеј, добра игра, дружење и забава, со традиционалната порака дека и оваа сезона ќе победи подобриот.

На прес-конференцијата се обрати и директорот на Т-Арена „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, кој го потврди континуитетот на соработката со Бизнис Лигата на Македонија

Со почетокот на 17. сезона, Бизнис Лигата продолжува да ја гради својата препознатлива спортска приказна, поврзувајќи ги спортот, бизнисот, тимскиот дух и дружењето и создавајќи простор каде компаниите, покрај деловното секојдневие, се натпреваруваат и на спортски терен.