Лукоил со одлично второ полувреме до целосен резултатски пресврт и победа над ЕЛЕМ

ЕЛЕМ 2-5 (2-1) Лукоил

ЕЛЕМ: Шкиприм Руфати 6’, 19’

Лукоил: Зоран Ристов 33’, 39’, Петар Лефков 25’, 36’, Димче Андов 2’

Прво полувреме со висок ритам на игра прикажаа екипите на ЕЛЕМ и Лукоил. Двете екипи влегоа мотивирано во натпреварот, со офанзивна игра и желба за брзо наметнување на својата иницијатива. Лукоил прв успеа да поведе преку Димче Андов во 2. минута, но ЕЛЕМ брзо возврати, па Шкиприм Руфати во 6. минута го израмни резултатот на 1-1. Како што одминуваше времето, екипите го зголемуваа темпото и сè почесто се закануваа кон противничкиот гол. Двете екипи уште од самиот почеток настапија со голман-играч, што придонесе за дополнителна динамика на натпреварот. Иако играта беше израмнета, ЕЛЕМ успеа да ја искористи грешката во одбраната на Лукоил, па Руфати со својот втор погодок во 19. минута донесе водство од 2-1, резултат со кој се замина на паузата.

Во второто полувреме Лукоил ја презеде иницијативата и успеа да го искористи падот во играта на противникот. Петар Лефков во 25. минута погоди за израмнување на 2-2, а потоа следуваше одлична завршница на Лукоил. Зоран Ристов во 33. минута донесе водство од 2-3, а Лефков со својот втор погодок во 36. минута ја зголеми предноста на 2-4. Конечниот резултат го постави Ристов во 39. минута, со својот втор погодок на натпреварот, за целосен резултатски пресврт и заслужена победа на Лукоил од 2-5.

Играч на натпреварот: Зоран Ристов (Лукоил)