Макстил предводени од Лазев до победа над А1

A1 3-7(2-4) Макстил

A1: Михајло Лазаревски 18’ 30’ Давид Бачовски 2’
Макстил: Бојан Неделковски 7’ 34’ Мартин Лазев 2’ 16’ 40’ Мухамед Исмаили 4’ Давор Кралевски 40’

Интересен и динамичен натпревар одиграа екипите на А1 и Макстил, кои од самиот старт влегоа силно мотивирани и со офанзивен пристап. Макстил уште во 2. минута успеа да го отвори резултатот преку Мартин Лазев за водство од 0-1. А1 експресно одговори, па веќе во следниот напад Давид Бачовски погоди за 1-1 и ја врати резултатската неизвесност. Макстил од самиот почеток настапи со голман-играч, тактика која се покажа како одлично решение. Гостите успеаја да создадат повеќе простор во нападот и до 7. минута да стигнат до предност од 1-3. Во вториот дел од првото полувреме, А1 заигра поотворено и сè почесто се закануваше кон голот на противникот. Сепак, отворената игра остави простор за контранапади, што Макстил умешно го искористи и ја зголеми предноста на 1-4. До истекот на првото полувреме, А1 преку Михајло Лазаревски успеа да намали на 2-4, резултат со кој екипите заминаа на пауза. Во второто полувреме А1 продолжи со офанзивна игра, а Лазаревски со својот втор погодок на натпреварот намали на 3-4 и донесе нова доза неизвесност во дуелот. Сепак, Макстил не дозволи изненадување. Предводени од расположениот Мартин Лазев, кој постигна хет-трик, гостите ја задржаа контролата врз натпреварот и до самиот крај ја зголемија предноста. Со уште три гола во финишот, Макстил стигна до убедлива победа од 3-7.

Играч на натпреварот: Лазев Мартин (Макстил)