
ТАВ 2-2(1-1) Матрикс (2-4 по пеналите)
ТАВ: Јованче Видински 37’ Мартин Атанасовски 8’
Матрикс: Тони Брњарчевски 10’ Даниел Боневски 36’
Во вториот полуфинален натпревар силите ги одмерија екипите на ТАВ и Матрикс. Двете екипи настапија со цврста игра на средината од теренот и чекаа грешка од противникот за да ја реализираат својата шанса. Екипата на ТАВ прва го отвори резултатот во 8. минута преку Атанасовски, со што притисокот се префрли на Матрикс. Сепак, Матрикс брзо одговори преку Брњарчевски во 10. минута за 1-1 и враќање на неизвесноста во натпреварот. Во продолжението од средбата двете екипи ставија акцент на играта во одбраната. Успешно ги затвораа приодите кон противничкиот гол и не дозволуваа лесни пробиви. Во ваква поставеност мрежите мируваа, па на полувремето се замина со нерешени 1-1. И во второто полувреме се играше во ист ритам – цврсто и борбено, а до отворени шанси за гол се доаѓаше многу тешко. Екипите се обидуваа преку контранапади да стекнат резултатска предност. Таквата игра траеше до самиот финиш на натпреварот, поточно до 36. минута, кога кај Матрикс блесна Боневски и донесе водство од 1-2. Но, само една минута подоцна ТАВ преку расположениот Видински успеа да израмни на 2-2, па со овој резултат екипите влегоа во пенал-рулетот. Во пенал-серијата голманот на Матрикс, Горан Манасиевски, беше максимално концентриран и мотивиран. Тој одбрани два удари на играчите на ТАВ и му обезбеди пласман на Матрикс во големото финале.