Лукоил по шести пат до престижниот трофеј во Бизнис Лигата на Македонија

Макпетрол 3-6(1-0) Лукоил
Макпетрол: Никола Секулоски 2”, Мишо Ѓоргиовски 36”, Ибраим Исмаили 40”
Лукоил: Петар Лефков 29” 36” 38”, Лоренцо Николовски 31”, Иван Стојчев 33”, Горан Стојанов 37”

Борбата за златниот медал воедно шампионскиот трофеј се одлучуваше во нафташкото дерби помеѓу екипите на Макпетрол и Лукоил. И двете екипи во овој дуел влегоа максимално мотивирани, техничко-тактички подготвени. Во контакт со тренерите на двете екипи, Илчо Филиповски кај Макпетрол и Васко Стефанов кај Лукоил дојдовме до сознание дека и двете екипи се максимално спремни и подготвени за влез во големото финале. Техничко-тактичките замисли на двата тренера требаше да се спроведат во дело за освојување на златниот медал. Екипата на Макпетрол фуриозно го започна овој натпревар со пресинг по целиот терен. Оваа игра вроди со плод уште во раната фаза кога на самиот почеток во втората минута Секулоски му донесе предност на Макпетрол од 1-0. Екипата на Лукоил се обидуваше да најде против-игра за пресингот на Макпетрол но до крајот на првото полувреме Макпетрол играше одлично, како во нападот така и во одбраната и не му дозволи на Лукоил да најде против-игра па на полувремето Макпетрол замина со предност од 1-0.
Второто полувреме започна во ист ритам. И двете екипи играа мошне агресивно во одбраната целосно затворајки ги ударите кон противничкиот гол. Ваквата игра траеше се до средината на второто полувреме кога екипата на Лукоил преку вечерва расположениот Лефков успеа да израмни на 1-1. По не цела минута на Лефков му се приклучи Николовски кој со гол донесе пресврт и водство на Лукоил од 1-2. Во тие моменти тренерот на Макпетрол Илчо Филиповски побара тајмаут како би ја смирил својата екипа. По тајмаутот Лукоил искористи уште една грешка во одбраната на Макпетрол со што дојде до пенал кој го реализираше Стојчев за водство од 3-1. Во тие моменти екипата на Макпетрол се обиде со голман играч да се врати во натпреварот но кај Лукоил проработе вечерва раслоложениот Лефков кој на крајот овој натпревар го заврши со хет-трик. На крајот Макпетрол не успеа да фати резултатски приклучок па екипата на Лукоил славеше со резултат од 3-6 и дојде до златниот медал.