Осврт на петтото коло од Бизнис Лигата на Македонија

Григориј Јовановски (Еуро Табак) (најдобар петти играч)

Allround играчи на петтото коло: Дејан Јанковски (Еуро Табак), Стефан Тевдовски (Гранит), Пеце Стојанов (Маркарт), Иљаз Јудини (LC Waikiki), Марјан Србиновски (ЈСП)

Гранит (екипа на петтото коло)

….
Осврт на петтото коло од Бизнис Лигата на Македонија

Во рамките на петтото коло од Бизнис Лигата на Македонија беа одиграни 9 натпревари

Во првиот натпревар од петтото коло Вип со фуриозна завршница дојде до победа над Пекабеско

Динамично прво полувреме одиграа екипите на Пекабеско и Вип, екипата на Вип беше таа која што ја превзема иницијативата и започна со жесток притисок уште на самиот старт што резултираше со водство во 7та минута од 0-1. Екипата на Пекабеско по само неколку минути игра успеа да постигне погодок за израмнување односно во 10та минута. По ова израмнување опадна темпото на игра, двете екипи беа претпазливи и повеќе внимаваа на својот гол, играчите на двата тима со удари од далечина се обидуваа да го превземат водството. До крајот на полувремето поточно во 19та минута екипата на Вип успеа да постигне погодок за резултат од 1-2 со кој се замина на полувремето. Во второто полувреме се продолжи со отворен фудбал од страна на двете екипи, со многу шанси за погодок и на двете страни. Екипата на Вип во средината на полувремето успеа да постигне погодок и да се одлепи со 1-3. Сепак екипата на Пекабеско не се предаваше лесно, успеа да постигне гол со кој резултатски се врати во игра и го направи неизвесен финишот на натпреварот. Но екипата на Вип не дозволи изненадување па во последните некоку минути игра со неколку погодоци резултатски се одлепи и издвојува победа од 2-6.

Стрелци на головите беа:
Пекабеско: Александар Спасовски 10’ Ѓоре Бочваров 33’
Вип: Никола Спасевски 7’ Мартин Тодоровски 19’ Иле Никодиновски 31’ Мартин Ангеловски 38’ 39’ Младен Ѓорѓиоски 40’

Во неизвесна завршница екипата на Еуро Табак беше подобра во дуелот со Фабрика Карпош – ГИМ
Одлчен старт на екипата на Еуро Табак во дуелот со Фабрика Карпош – ГИМ, екипата на Еуро Табак успеа да постигне два брзи погодока во 3та и 4та минута и да навести ефикасно полувреме. Екипата на Фабрика Карпош преку расположениот за игра Панов успеа да возврати со 3 погодоци во 8та, 11та и 16та минута и да направи целосен резултатски пресврт. На полувремето се замина со резултат од 3-2. На стартот на второто полувреме екипата на Еуро Табак имаше можност преку пенал да дојде до израмнување но голманот на Фабрика Карпош со одлична интервенција успеа да го сочува својот гол. Екипата на Фабрика Карпош имаше неколку одлични шанси за погодок но не успеа да реализира па следуваше казна и израмнување на резултатот во 26та минута. По ова израмнување натпреварот влезе во неизвесна завршница. Ви таквата неизвесна завршница поуспешна беше екипата на Еуро Табак која успеа да искористи неколку кикса во обраната на Фабрика Карпош на крај да го добие овој дуел со 3-6

Стрелци на головите беа:
Фабрика Карпош – ГИМ: Кристијан Панов 8’ 11’ 16’
Еуро Табак: Григориј Јовановски 3’ 4’ 26’ Дејан Јанковски 32’ 35’ 36’

Сава Осигурување го сочува водството и стигна до победата над Рамстор
Првата фаза од полувремето во дуелот помеѓу Рамстор и Сава Осигурување и припадна на екипата на Сава која уште на стартот се префрли во противничкото поле вршејќи силен притисок, што резултираше со водство од 0-2 во 11та минута. По оваа негатива екипата на Рамстор направи неколку измени и со сите сили тргна кон голот на Сава Осигурување со цел да дојде до намалување на водството, во што и успеа во 18та минута со голот на Муртезани. До крајот на полувремето екипата на Сава осигурување успеа да постигне уште еден погодок за резултат од 1-3 со кој се замина на полувремето. На самиот старт на второто полувреме екипата на Рамстор стави се на една карта тргнуваќи по израмнување, во таквата отворена игра како да подзаборави на својата обрана што екипата на Сава осигурување и те како знаеше да го казни и да се стекне со предност од високи 1-5 до 28та минута. Сепак екипата на Рамстор не се откажуваше лесно од натпреварот и со одлична реализација на Бекир и Мемед успеа да намали на 3-5 и да фати резултатски приклучок. До крајот на натпреварот екипата на Сава успеа да го сочува водството и да извојува победа со резултат од 4-6.

Стрелци на головите беа:
Рамстор: Фуркан Муртезан 18’ Ибрахим Бекир 29’ Михрем Мемед 34’ Азрет Абаз 40’
Сава Осигурување: Данило Апостоловски 7’ Јовица Насковски 11’ 28’ 28’ 40’ Ивица Минов 25’

МЕПСО преку контра напади дојде до победа над Маркарт
Екипата на Маркарт во дуелот со МЕПСО го постигна најбрзиот погодок во досегашниот дел од натпреварувањето, само по неколку секунди преку Стојанов за водство од 0-1. Екипата на МЕПСО за кратко време успеа да ги консолидира своите редови и во 4та минута преку одлично изведен контра напад успеа да израмни на 1-1. Во 8та минута видовме ново водство на Маркарт кое по само неколку минути екипата на МЕПСО го стопи и консредината на полувремето успеа да направи целосен резултатски пресврт. До крајот на полувремето екипата на Маркарт со сите сили се обидуваше да дојде до израмнување и се префрли во противничкото поле, а таквата игра екипата на МЕПСО ја казни со водство од 4-2 на полувремето. Во второто полувреме екипата на Маркарт се префрли во предно поле и со помош на голман играч во фаза на напад се обидуваше да створи вишок како би фатила резултатски приклучок, но со таквата офанзивна игра оставија многу празнини во одбраната што екипата на МЕПСО го казни со одлично креирани контра напади што успеваше да ги претвори во голови. На крајот од натпреварот екипата на МЕПСО славеше со високи 7-3.
Стрелци на головите беа:
МЕПСО: Александар Јакимовски 5’ Ѓоко Јанакиевски 11’ Диме Рошковски 13’ 19’ 35’ 36’ Далибор Христов 30’
Маркарт: Пеце Стојанов 1’ 35’ Тоше Трајковски 8’

Во неизвесна завршница LC Waikiki и ЕВН ги поделија бодовите
Првата фаза од полувремето помеѓу LC Waikiki и ЕВН помина во знакот на екипата на LC Waikiki која обезбеди рано водство во 4та и 5та минута. По оваа негатива екипата на ЕВН направи неколку промени во тактиката се префрли на противничко поле вршејќи силен притисок со цел да дојде до израмнување. Екипата на LC Waikiki одигра одлично полувреме не дозволи на екипата на ЕВН да постигне погодок и на полувремето се замина со предност од 3-0 за екипата на LC Waikiki. На стартот од второто полувреме екипата на ЕВН преку расположениот Маџоски успеа да постигне два гола со кои фати резултатски приклучок. Овие погодоци им дадоа дополнителен мотив па тргнаа уште пожестоко по израмнување што им успеа во 29та минута кога преку Димовски израмнија на 3-3. Екипата на LC Waikiki не се откажуваше лесно од натпреварот па по само неколку минути преку Јудини поведе со 4-3и ја направи завршницата од натпреварот неизвесна во која сепак екипата на ЕВН успеа да реализира за реми при резултат од 4-4.

Стрелци на головите беа:
LC Waikiki: Енес Ариф 4’ Иљаз Јудини 5’ 33’ Илијз 13′
ЕВН: Бојан Маџовски 22’ 23’ Димитар Димовски 29’ Наумче Бадаловски 38’

Во дожд од голови екипата на Гранит беше поуспешна од екипата на ЈСП
Интересно прво полувреме одиграа екипите на Гранит и ЈСП, воведните минути во натпреварот најавија ефикасно полувреме во кое веќе во 4та минута екипата на ЈСП имаше водство од 1-2. По овие воведни минути опадна темпото и играта главно се одвиваше на средината на теренот, каде играчите со повремени соло акции се обидуваа да направат нешто повеќе. До крајот на полувремето екипата на ЈСП имаше повеќе од играта и успеа да го добие ова полувреме со резултат од 3-4. На стартот од второто полувреме екипата на Гранит успеа да постигне погодок со кој го израмни резултатот, по што следуваше жестока борба по целиот терен екипите наизменично се менуваа во водството за во 33та минута да биде повторно егал по што влековме во неизвесна завршница. Во таквата неизвесна завршница поуспешна беше екипата на Гранит која го доби овој натпревар со резултат од 9-8.

Стрелци на головите беа:
Гранит: Стефан Тевдовски 29’ 34’ 40’ Денис Петров 35’ Николче Глигуровски 4’ 23’ Пепи Мицев 9’ 19’ 38’
ЈСП: Марјан србиновски 4’ 10’ 27’ 37’ Љупчо Павловиќ 2’ Даниел Антовски 11’ 33’ Сабит Хусеини 40’

Искуството на ЕЛЕМ беше пресудно во дуелот со Искрател Груп
Одлично прво полувреме одиграа екипите на Искрател Груп и ЕЛЕМ, првата фаза одмина во мирно темпо во кое и двете екипи ги одмеруваа силите и играта главно се одвиваше на средината на теренот. Како одминуваше времето екипата на ЕЛЕМ се префрли на противничката половина и започна со посилен притисок кон голот на Искрател, што резултираше со водство од 0-1 во 13та минута. До крајот на полувремето екипата на Искрател Груп успеа да створи неколку одлични шанси за погодок, но имаше слаба реализација. На полувремето се замина со резултатот од 13та минута 0-1 за екипата на ЕЛЕМ. Во второто полувреме двете екипи започнаа со поотворена игра, се редеа шанси на двете страни но реализацијата беше слаба. Кон крајот на натпреварот екипата на ЕЛЕМ сепак успеа да реализира два контра напади за комотно водство кое успеа да го одржи до крајот. Натпреварот заврши со 0-3 за екипата на ЕЛЕМ.

Стрелци на головите беа:
ЕЛЕМ: Ванчо Петковски 13’ Владимир Поповски 30’ Златко Станкоски 37’

Џонсон Мети со сериозен пристап дојде до победата над Македонски Телеком
Екипата на Џонсон Мети одлично го отвори дуелот против екипата на Македонски Телеком со одличниот погодок на Божиновски во 2та минута. Овој рано постигнат погодок им даде дополнителен мотив на екипата на Џонсон Мети и веќе во 10та минута имаа комотно водство од 0-3. Екипата на Македонски Телеком по оваа негатива направи неколку ротации на играчите и се префрли на противничко поле вршејќи силен притисок со цел да фати резултатски приклучок, но екипата на Џонсон Мети одлично ја имаше поставено својата одбрана и не дозволи изненадување. На полувремето се замина со резултат од 4-0 за екипата на Џонсон Мети. Во второто полувреме екипата на Телеком направи промена во тактиката и во игра внесе голман играч вршејќи силен притисок во предно поле, тоа резултираше со неколку одлични шанси за погодок но голманот на Џонсон Мети беше на висина на задачата и успеа да го сочува својот гол. Последните минути од натпреварот екипата на Џонсон Мети ги одигра рутинирано и го доби овој натпрвар со резлутат од 4-1.

Стрелци на головите беа:
Џонсон Мети: Благоја Божиновски 2’ Бобан Ристовски 8’ 17’ Бране Стојановски 10’
Македонски Телеком: Марко Магденовски 40’

Аџибадем Систина со голман играч дојде до победа над Уни Банка во последниот дуел од петтото коло

Динамично прво полувреме одиграа екипите на Аџибадем Систина и Уни Банка, првата фаза од полувремето и припадна на екипата на Систина која од самиот почеток ја превзема иницијативата и успеа да постигне два брзи погодока во 1та и 2та минута преку димковски. По оваа негатива екипата на Уни Банка се обиде со промена на тактиката и со неколку ротации на играчите да ја намали негативата во што и успеаа. Во финишот на полувремето екипата на Уни Банка направи целосен резултатски пресврт па на полувремето се замина со резултат од 2-3. Во второто полувреме екипата на Аџибадем Систина започна со жесток притисок кон голот на Уни Банка, што резултираше со израмнување во 25та минута. Овој гол за израмнување им даде дополнителен импулс на екипата на Систина и за само неколку минути успеаа да направат целосен пресврт. До крајот на натпреварувањето екипата на Уни Банка се обидуваше да го врати водството и тргна во целосна офанзива, таквата отворена игра на екипата на Уни Банка заеше да ја казни Систина со одлични контра напади за победа од високи 6-3.

Стрелци на головите беа:
Аџибадем Систина: Кристијан Димковски 1’ 2’ 30’ Никола Трајковски 25’ Далибор Дамјановиќ 33’ Мирослав Неделковски 34’
Уни Банка: Ангел Петков 18’ Александар Кузинаков 19’ Марко Ташков 20’

Ова коло се истакнаа следните поедници:

– Диме Рошкоски (МЕПСО) 4 гола
– Пепи Мицев (Гранит) 3 гола
– Кристијан Панев (Фабрика Карпош – ГИМ) 3 гола
– Кристијан Димковски (Аџибадем Систина) 3 гола
– Григориј Јовановски (Еуро Табак) 3 гола

Allround играчи кои погодуваа во клучни моменти, асистираа до своите соиграчи кога беше најпотребно и допринесоа за подигање на моралот во екипата во ова коло беа: Дејан Јанковски (Еуро Табак), Стефан Тевдовски (Гранит), Пеце Стојанов (Маркарт), Иљаз Јудини (LC Waikiki), Марјан Србиновски (ЈСП)

Екипа на колото: Гранит
Тренер на колото: Кире Атанасовски (Гранит)
Голман на колото: Бобан Ристов (Џонсон Мети)