Ви пренесуваме што имаа да кажат организаторите на Бизнис Лига на Македонија во интервјуто за Спортска Мрежа
Како што дознава Спортска Мрежа, Бизнис лига на Македонија сепак ќе продолжи и тековната сезона ќе биде доиграна, но се чека олабавување на мерките поради пандемијата со Ковид-19.
Во изјава за Спортска Мрежа, одговорните лица на оваа најелитно аматерско натпреварување на компаниите во Македонија, потврдија дека тековната сезона ќе биде завршена на терен.
„Бизнис лига на Македонија впрочем како и сите спортови беше погодена од корона вирусот, практично остана да се доигра највозбудливиот дел, тоа е оној завршен турнир кој го одредува победникот. Оваа сезоната во лигата зедоа учество 27 компании, првенството беше прекинато после 19 одиграни кола. Бизнис лига направи систем со кој ќе го заврши ова првенство, а тој се состои во два дела. Првиот дел е оној каде ќе се доиграат заостанатите натпревари плус уште едно коло како би можело да се одреди, прво, второ и трето место на регуларен дел. Додека пак вториот систем со вкрстување каде секој ќе има можност да се бори за титула. Што се однесува до следната сезона, прво би сакале да видиме како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата, која сите не затекна, бидејќи здравјето на вработените во компаниите е најважното нешто во моментот.“
На прашањето на Спортска Мрежа, дали Бизнис лига на Македонија, ќе се прошири и во другите градови, односно дали натпреварите од оваа натпреварување ќе се играа и во другите градови освен Скопје, од Бизнис лига одговорија дека во моментот не гледаат некоја посебна потреба за тоа, но доколку има интерес од компаниите, не се исклучува и таквата можност.
„Во моментот имаме голем број компании кои не се од Скопје и доаѓаат на натпреварите, па од тука и не гледаме некоја посебна потреба за ширење, но доколку има интерес од компаниите зошто да не.“